Унија на млади сили
ВМРО ДПМНЕ ДЕЛЧЕВО

Официјална фејсбук страна на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ

Официјална фејбук страна на Никола Тодоров

Sunday, July 11, 2010

Статут

Пречистен Статут на ВМРО-ДПМНЕ донесен на 15.10.2004


Врз основа на член 10 од Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, Статутарната комисија, на седницата, одржана на 15 октомври 2004 година, го утврди пречистениот текст на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ.


Пречистениот текст на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, ги опфаќа: Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, донесен на Десеттиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, одржан на 6 и 7 мај 1995 година; измените и дополнувањата на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, донесени на Деветтата седница на Централниот комитет, одржана на 12 октомври 1997 година; Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, донесена на XI Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, одржан на 29 и 30 мај 1999 година; Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, донесена на Осмата седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, одржана на 22 декември 2002 година; Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, донесена на седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, одржана на 30 ноември 2003 година; и Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, донесена на седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, одржана на 21 септември 2004 година, во кои е означено и времето на нивното влегување во сила.



С Т А Т У Т
на 
ВМРО-ДПМНЕ
(пречистен текст)
ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1



ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија (во натамошниот текст: партија), во која врз основа на принципот на слободно пристапување, во рамките на уставните определби на Република Македонија, членуваат оние, кои ги прифаќаат програмските цели и задачи на Партијата.

Член 2

Името на партијата е: ВМРО-ДПМНЕ (ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство).

Првиот дел од името, ВМРО-ДПМНЕ (Внатрешна македонска револуционерна организација), ја изразува традицијата на македонскиот народ врз чија идејно-политичка борба, како континуитет, се изградени програмските цели и задачи на партијата.

Вториот дел од името, ДПМНЕ (Демократска партија за македонско нацинално единство), го означува начинот на делување и политичките стремежи на партијата.
Скратеното име на партијата е ВМРО-ДПМНЕ.

Член 3

Партијата е запишана во Судскиот регистар на Основниот суд Скопје, и во Скопје, под рег. бр.14.

Член 4

Партијата има својство на правно лице од 5 август 1990 година.
Седиштето на партијата е во Скопје на ул. Македонија бр. 17а.

Член 5

Партијата има грб, знаме и химна.
Партискиот грб претставува стилизирана фигура на лав со круна на главата во златна боја, изведен на црвен штит. Над штитот, има црвена лента, на која со жолти букви е напишано „1893-1990”, а под штитот, на црвена лента со жолти букви е испишано името на паријата: „ВМРО-ДПМНЕ”.
Партиското знаме е со димензии со однос два спрема еден, по должина, поделено на црвено-црни полиња, чиј сооднос е еден спрема еден, а во горниот лев агол, на црвена основа е поставен партискиот грб.
Химната ја утврдува Централниот комитет на партијата.

Член 6

Партијата има свој печат и штембил.
Партискиот печат е во форма на круг, во кој е испишано името на партијата и местото на седиштето, а во средината е постевен партискиот грб.
Штембилот е во правоаголна форма и во него е испишано името на партијата, а во левиот горен агол е поставен партискиот грб.

Член 7

ВМРО-ДПМНЕ е народна партија со демохристијанска ориентација, која се заснова врз христијанско поимање за човекот и дава етичка основа за одговорна политика. Партијата во исто време е одговорна кон секој, кој ги почитува дотоинството и слободата на другите луѓе, како и од нив изведените темелни вредности на партиската политика. Тоа е основа на заедничкото дејствување на христијаните и нехристијаните во ВМРО-ДПМНЕ.


ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ

Член 8

ВМРО-ДПМНЕ се залага за:
· развој и просперитет на независна и суверена Република Македонија;
· воздигнување на достоинството и духовните вредности на македонскиот народ, граѓаните на Македонија и македонската држава;
· правна држава, доследно спроведување на законите и правните процедури и самостојност во одлучувањето на судовите;
· пазарно стопанство и приватната сопственост, како темели на економскиот систем;
· слободно здружување на граѓаните во партиски или непартиски организации и здруженија и за слобода на вероисповеданието, во која свештенството и верите се автономни суштини;
· слобода на говорот и печатот, спротивставување на секаков вид политичко туторство врз новинарството, цензурата и интервенционизмот во новинарските прилози;
· почитување на правата на етничките малцинства и спротивставување на какви било изрази на нетолеранција, шовинизам или сегрегација врз етничка, јазична или верска основа;
· гарантирање на правата на Македонците, кои живеат надвор од границите на Република Македонија, согласно Уставот и меѓународните документи;
· градење на пријателство и добрососедство со сите соседни држави, како основа за нов балкански поредок; и
· вклучување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО
.
Член 9

Партијата, во остварувањето на своите програмски цели и задчи, делува во Република Македонија и во странство, во согласност со законите на соодветната странска држава.

Член 10

Работата на партијата е јавна.

Член 11

За остварување на програмските цели, партијата издава свои гласила и основа други електронски средства за јавно информирање во согласност со Закон.


ЧЛЕНУВАЊЕ ВО ПАРТИЈАТА

Член 12

Членувањето во партијата е доброволно.
Член на партијата може да биде секој полнолетен граѓанин односно државјанин на Република Македонија, без разлика на неговото национално потекло, верска определба, пол, социјален и економски статус, кој живее или работи во, или надвор од Македонија, кој не е член на друга полтичка партија, а кој ќе даде изјава (пристапница) за членство во партијата, и ги прифаќа програмските определби, и целите и задачите, содржани во овој Статут.
Партијата може да има и почесни членови.

Член 13

Начинот на зачленување, правата и обврските на членовите, како и статусот на почесните членови, поблиску се уредува со правилник.

Член 14

Права, обврски и одговорности на членовите се:

· да учествува во работата на партијата;
· да избира и да биде избран во органите на партијата;
· да биде информиран за активностите и дејствувањето на партијата;
· да дава предлози за поуспешна работа на партијата;
· да се придржува кон програмските документи, Статутот и другите акти на партијата; и
· редовно да плаќа членарина.

Член 15

Членот сноси одговорност во случај кога неговата активност е спротивна на овој Статут, програмските определби, целите и задачите на партијата.
Начинот на постапката на утврдување на одговорноста се регулира со правилник.

Член 16

Членувањето во партијата престанува со:

· изјава за доброволно истапување од членството;
· трајно губење на деловната способност;
· настапување на смрт; и
· исклучување заради дејствување спротивно на Статутот, програмски документи и другите акти на партијата;
· членство во друга партија.

ОРГАНИ НА ПАРТИЈАТА

Член 17

Органи на партијата се:
· Конгрес
· Претседател
· Централен комитет
· Извршен комитет
- Статутарна комисија
- Надзорна комисија за финансиско-материјално работење
-) Конвенција за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за
Претседател на Република Македонија.
-Конгрес

Член 18

Конгресот е највисок орган во партијата.
Конгресот може да биде редовен или вонреден.
Редовниот конгрес се одржува на четири години.
Одлука за свикување на редовен конгрес донесува Централниот комитет, најмалку три месеци пред почетокот на работата на конгресот.
Барање за одржување на вонреден конгрес можат да поднесат една половина од членовите на Централниот комитет.
Претседателот е должен во рок од 10 дена од поднесувањето на барањето да свика седница на Централниот комитет која се одржува најдоцна 20 дена од поднесувањето на барањето.
Одлука за одржување на вонреден конгрес се донесува со една половина од вкупниот број на членови на Централниот комитет.
По донесување на одлуката на Централен комитет за одржување на вонреден конгрес, тој се одржува во рок од 60 дена.
Конгресот го сочинуваат најмалку 250 делегати, а Централниот комитет ги определува критериумите за распределба на делегатите.
Конгресот може да работи ако се присутни најмалку две третини од вкупниот број на делегати.

Член 19

Конгресот:
· донесува Деловник за работа;
· избира Комисија за верификација на мандатот на делегатите на конгресот и ги верифицира нивните мандати;
· донесува Приграма и програмски документи;
· донесува и менува Статут;
· разгледува и усвојува извештај за материјално-финансиското работење на партијата;
· избира Претседател на партијата;
· избирна Статутарна комисија;
· избира Надзорна комисија за финансиско-материјално работење на партијата и други комисии и тела;
· донесува одлуки и други акти.

Член 20

Претседателот на партијата е политичко-извршен орган кој го избира конгресот со тајно гласање.
Мандатот на претседателот на партијата трае 4 години.
Кандидат за претседател можат да предложат најмалку триесет делегати на конгресот.
За претседател на партијата е избран кандидат, кој добил мнозинство гласови од вкупниот број делегати.
Ако во првиот круг ниту еден од кандидатите за претседател не го добил потребното мнозонство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати, кои во првиот круг добиле најмногу гласови.
На повторното гласање за претседател на партијата е избран кандидатот, кој добил мнозинство гласови од делегатите, кои гласале, доколку гласале повеќе од половината делегати.
Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
Ако за претседател на партијата е предложен еден кандидат, а во првиот круг на гласање не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
Начинот на кандидирање и постапка за избор се утврдува со Деловникот за работа на Конгресот.

Член 21

Претседателот на партијата е истовремено и претседател на Центарлниот комитет и на Извршниот комитет.

Член 22


Претседателот:


· ја претставува и застапува партијата;


· претседава на седниците на Централниот комитет, Извршниот комитет и Годишното собрание;


· донесува политички и други одлуки во име на партијата;


· се грижи за спроведување на Програмата, Статутот и другите акти на Партијата;


· активно учествува во креирањето на политиката на партијата;


· склучува договори и потпишува акти и други документи согласно Програмата и Статутот на ВМРО-ДПМНЕ;


· донесува одлука за назначување на потписници на жиро-сметката на партијата ;


· предлага избор и разрешување на потпретседатели и генерален секретар на партијата;


· предлага избор и разрешување на членови на Извршниот комитет;


· меѓу двата конгреса му предлага на Централниот комитет избор и разрешување на членови на Статутарна комисија и Надзорна комисија;


· утврдува термин за одржување на годишното собрание;


· може да запре извршување на одлуки и други акти на Извршниот комитет и на другите органи и тела на партијата и за тоа го известува Централниот комитет; и


· за својата работа поднесува извештај пред Централниот комитет еднаш годишно.


Централен комитет





Член 23


Централниот комитет е орган на партијата меѓу два конгреса.


Мандатот на Централниот комитет трае 4 години.


Членови на Централниот комитет се:


· претседателот, потпретседателите и генералниот секретар на Партијата;


· претседателот на Градскиот комитет-Скопје;


· претседатели на општинските комитети;


· именуваните членови од Извршниот комитет;


· претседателот на Академијата за политика;


· претседателот, секретарот и девет члена на Извршниот комитет на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ;


· претседателот и секретарот на Унијата на ветераните на ВМРО-ДПМНЕ;


· претседателот, секретарот и 5 члена на Извршниот Комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ;


· координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија; и


· по еден претставник од задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ за Европа, Америка, Канада и Австралија.


Член 24


Централниот комитет:


· утврдува предлог програма и Статут;


· избира и разрешува потпретседатели, генерален секретар на партијата и членови на Извршниот комитет на партијата;


· се грижи за реализирање на задачите утврдени на конгресот;


· утврдува идејно-политички задачи;


· го разгледува и усвојува извештајот на Извршниот комитет;


· дава иницијативи за разгледување на определени прашања на Конгресот;


· дава политички насоки за делување на комитетите;


· врши верификација на мандатите на членовите на Централниот комитет;


· одлучува за соработка и за заеднички настап со други политички партии;


· утврдува кандидати за избор на пратеници;


· го разгледува финансиското работење на партијата;


· врши измена и доплонување на Статутот меѓу два конгреса;


· на предлог на претседателот на партијата, формира организационен одбор и други тела за подготовка на Конгрес;


· донесува Деловник за својата работа;


· донесува Деловник за работа на општинските комитети и месните организации;


· Потврдува Деловници за организациона поставеност и работа на органите на униите и асоцијациите на партијата;


· донесува одлуки и други акти од својата надлежност; и


· формира и други комисии и тела.


Член 25


Централниот комитет работи на седници.


Седниците на Централниот комитет ги свикува претседателот на партијата.


Седниците се одржуваат по потреба, но најмалку еднаш на три месеци.


Покана за седница се испраќа на сите членови на Централниот комитет, по правило, 10 дена пред денот на одржувањето на седницата.


По исклучок, во итни случаи, Претседателот може да свика седница на Централниот комитет во рок, покус од 5 дена, а дневниот ред да го предложи на самата седница.


Извршен комитет





Член 26


Извршниот комитет е политичко-извршен орган на Централниот комитет, чиј број се утврдува со одлука за негов избор.


Извршниот комитет делува врз основа на политичките насоки, заклучоци и задачи на претседателот на Партијата и на Централниот комитет.


Со работата на Извршниот комитет координираат претседателот и потпретседателите на Партијата.


Член 27


Извршниот комитет работи на седници.


Седниците ги свикува и со нив раководи и претседава претседателот на Партијата.


Извршниот комитет за својата работа одговара пред претседателот на Партијата и пред Централниот комитет.


Член 28


Извршниот комитет:


· донесува Деловник за работа на Извршниот комитет ;


· донесува одлука за основање на Градски комитет-Скопје, општински комитети, општински поткомитети, унии и асоцијации;


· Усвојува деловници за организациона поставеност и работа на органите на униите и асоцијациите на партијата ;


· го разгледува финансиското работење на Партијата и донесува финансиски план и годишна сметка;


· именува и разрешува претседател на Градскиот комитет-Скопје, претседатели на општинските комитети и претседатели на општинските поткомитети;


· именува и разрешува членови на Градскиот комитет-Скопје и на општинските комитети;


· именува и разрешува координатори на региони;


· донесува одлуки за бројот на регионите;


· врши избор на претседателите на униите, асоцијациите и форумите;


· донесува правилник за одговорноста на членовите на Партијата;


· основа дисциплинска комисија, која одлучува во втор степен;


· основа и други комисии и тела;


· донесува одлуки, заклучоци и други акти и


· на предлог на Претседателот донесува одлука за ангажирање на повремени советници на Извршниот комитет


Член 29


Извршниот комитет може да запре од извршување на одлуки и други акти на општински комитети, поткомитети и Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ-Скопје, на унии и асоцијации, доколку се во спротивност со програмата и Статутот на партијата.


Потпретседател на партијата





Член 30


На предлог на Претседателот на партијата, Централниот комитет избира и разрешува потпретседатели, со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Централен комитет.


Мандатот на потпретседателите трае четири години.


Изборот и разрешувањето на потпретседателите се врши со тајно гласање.


Потпретседателите по функција се членови на Извршниот комитет.


Член 31


Потпретседателите вршат работа од делокругот на Претседателот на партијата, што тој ќе им ја довери со посебно овластување.


Генерален секретар





Член 32


На предлог на Претседателот на партијата, Централниот комитет избира и разрешува генерален секретар, со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Централниот комитет.


Мандатот на генералниот секретар трае четири години.


За својата работа генералниот секретар одговара пред Централниот комитет.


Генералниот секретар по функција е член на Извршниот комитет.


Член 33


На предлог на Генералниот секретар, Извршниот комитет назначува и разрешува потсекретари, кои вршат работи од надлежност на генералнио секретар, кои ќе им ги довери со посебни напатствија.


Потсекретарите за својата работа одговараат пред генералниот секретар на партијата.


Член 34





Генералниот секретар на партијата:


· учествува во работата на Централниот и Извршниот комитет;


· ја води и организира архивската евиденција и документација на Партијата;


· го организира подготвувањето на седниците на Централен комитет, Извршен комитет, Годишното собрание и други седници на органите на Партијата;


· ја следи и контролира работата на секретарите на општинските комитети, општинските поткомитети и Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ-Скопје;


· го следи и евидентира извршувањето на оперативно-политичките ставови, одлуки и заклучоци на партијата;


· ја организира административната подготовка на Конгресот; и


· врши други работи што ќе ги добие како задачи од Претседателот на партијата, Централниот комитет и Извршниот комитет.


Статутарна комисија





Член 35


На предлог на претседателот на партијата, конгресот избира Статутарна комисија.


Статутарната комисија го изработува Статутот и врши толкување на истиот.


Статутарната комисија се состои од: претседател, потпретседател и пет членови.


Мандатот на членовите на Статутарната комисија трае 4 години.


Статутарната комисија донесува Деловник за работа.


Надзорна комисија за финансиско-материјалното работење на партијата


Член 36


На предлог на Претседателот на партијата, Конгресот избира Надзорна комисија за финансиско-материјалното работење на партијата (во натамошниот текст: надзорна комисија).


Надзорната комисија се состои од претседател и двајца членови.


Мандатот на членовите на Надзорната комисија трае 4 години.


Надзорната комисија донесува Деловник за работа.


ИЗБРАНИ ПРЕТСТАВНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ВО СОВЕТИТЕ НА ОПШТИНИТЕ И НА ГРАДОТ СКОПЈЕ


· Пратеничка група


Член 37


Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, претставуваат пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.


Пратеничката група е должна своето дејствување и настапи во Собранието на Република Македонија да ги врши во согласност со Статутот и Програмата на партијата, за таа цел е должна да врши косултации со органите на партијата.


Работата на пратеничката група и изборот на координатор и негов заменик се регулира со Деловник за работа.


· Советнички групи


Член 38


Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советите на општините и на град Скопје, претставуваат советнички групи на ВМРО-ДПМНЕ.


Советничките групи се должни своето дејствување во советите да го вршат во согласност со Програмата и Статутот на партијата и за таа цел да вршат косултации со органите на партијата.


МЕСТНИ ОРГАНИЗАЦИИ


Член 39


Својата дејност и активност партијата ја остварува преку местни организации како организациони единици врз територијален принцип.


Со секоја местна организација на партијата раководи и управува комитет.


Комитетите можат да бидат:


· Градски комитет на ВМРО-ДПМНЕ -Скопје;


· Општински комитет;


· Општински поткомитети;


· Местни комитети


· Задгранични комитети на ВМРО-ДПМНЕ за Европа, Австралија, Америка и Канада.


Член 40


Критериумите за основање местни организации, составот и начинот на работата и начинот на избор на комитетите и други органи на местните организации, се уредуваат со Деловник за работа на местните организации на ВМРО-ДПМНЕ.


Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ


Член 41


Партијата основа младинска организација.


Одлука за основање на младинската организација донесува конгресот на партијата.


Името на младинската организација е Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ( во натамошниот текст: УМС).


Член 42


УМС делува врз основа на политичките насоки определени од Програмата, Статутот на партијата и Деловникот за организациона поставеност и работа на органите на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.


Деловникот за организациона поставеност и работа на органите на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ го усвојува ИК на ВМРО-ДПМНЕ на иницијатива на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.


Деловникот за организациона поставеност и работа на органите на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ стапува на сила по негова потврда од Централниот комитет на Партијата.


УМС на ВМРО-ДПМНЕ за својата работа одговара пред Претседателот на партијата, Централниот комитет и Извршниот комитет.





УНИИ И АСОЦИЈАЦИИ


Член 43


Партијата основа унии,форуми и асоцијации:


· Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ;


· Унија на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ;


· Форуми на ВМРО-ДПМНЕ;


· Академија за политика и други асоцијации.


Одлука за нивно основање донесува Централниот комитет.


Член 44


Организационата поставеност и работата на органите на униите и асоцијациите се уредува со деловник.


ФИНАНСИРАЊЕ


Член 45


Средства за своето дејствување партијата обезбедува од членарина, прилози, кредити, подароци, донации, легати и дотиции од буџетот на Република Македонија, во согласност со Законот за политичките партии, како и другите финансиски прописи.


За време на одржување на изборите, средствата од поединечните подароци, прилозите и донациите од правните и физичките лица, според износите предвидени со Законот, се издвојуваат на посебна сметка за изборен фонд.


Член 46


Изворите на приходите на партијата се јавни.


Изворите на финансиските средства и нивните расходи се утврдуваат со буџетот на партијата.


За изворите и расходите на средствата се води книговодствена евиденција.


Надзорот над материјално-финансиското работење на партијата го врши Надзорната комисија.


Член 47


Овластени лица за потписници на жиро-сметка на Партијата се Претседателот, Потпретседателите и генералниот секретар на партијата.


Претседателот со одлука може да назначи други потписници на жиро-сметката на партијата.


Во текот на годината Извршниот комитет може да врши изменување и дополнување на буџетот.





ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ


Член 48


Во случај на војна, воена опасност или вонредна состојба во државата, кога објективно е невозможна работата на Конгресот, Централниот комитет и Извршниот комитет, кога условите бараат итно решавање на одредени прашања од интерес на Партијата, нивните овластувања ги зема Претседателот на партијата.


ПРЕСТАНОК НА ПАРТИЈАТА


Член 49


Партијата престанува со работа:


· кога бројот на членовите ќе се намали под законски определениот број за нејзино основање;


· кога ќе настапи законски основ за престанок на работата на Партијата утврден од надлежен суд, односно од Уставниот суд на Република Македонија; и


· кога Конгресот на Партијата ќе донесе одлука за нејзин престанок.


Член 50


Во случај на престанок на партијата, нејзиниот имот преминува во сопственост на Македонската православна црква.





ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ


Член 51


Прашањата, кои не се уредени со овој Статут, Централниот комитет ќе ги регулира со посебни акти и одлуки, во согласност со Уставот, Законите и овој Статут.


Член 52


Органите на партијата ќе ги донесат актите утврдени со овој Статут во рок од три месеци од денот на неговото влегување во сила.





Член 53


Предлог за изменување и дополнување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ можат да поднесат: Претседателот на партијата, Централниот комитет, Извршниот комитет и Статутарната комисија.


Член 54


Со денот на влегувањето во сила на овој Статут, престана да важи Статутот на партијата од 6 и 7 април 1991 година.


Член 55


До конституирањето на новиот Централен комитет и изборот на новиот Извршен комитет, продолжуваат со работа Централниот комитет и Извршниот комитет во постојниот состав.


Рокот за конституирање на новиот Централен комитет и изборот на новиот Извршен комитет не може да биде подолг од 6 месеци од денот на влегувањето во сила на Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ од 22. 12. 2002 година, бр.09-2461.


Претседател на ВМРО-ДПМНЕ


Никола Груевски
blogger

0 коментари:

Post a Comment

Официјална фејсбук страна на Претседателот на Р. Македонија

 
 
 

Следете не на G+

Следете не на youtube

Следете не на фејсбук

Следете не на flickr

Следете не на твитер

Следете не на Pinterest